Анчелоти: Задоволен сум од првиот дел од сезоната и покрај поразот од Рајо

Реал Мадрид синоќа доживеа шокантен пораз од градскиот ривал Рајо Валјекано со 3:2 во 13-тото коло од Ла Лига, со што го загуби првото место на табелата.

Кралевите сега се втори со 32 бода, два помалку од Барселона, која вечерва има шанса да му избега на пет доколку ја совлада Осасуна.

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти, изјави дека и покрај поразот од градскиот ривал, тој е задоволен од првиот дел од сезоната.

„Се наоѓаме пред пауза поради Светското првенство, а одигравме доста натпревари и јас сум задоволен од првиот дел од сезоната. Што се однесува до натпреварот и поразот, признавам дека не успеавме да одиграме со ист интензитет како играчите на Рајо и дека требаше да го промениме начинот на игра во одредени моменти од мечот. Правевме доста грешки, ни недостигаше силата што ја имаше нашиот ривал и прикажаната игра не беше доволна за да оствариме позитивен резултат“, изјави Анчелоти.

Италијанецот им призна на медиумите дека неговите фудбалери се уморни од пеколниот ритам и дека паузата поради Мундијалот во Катар добро ќе им дојде.

„Одигравме многу натпревари и тоа се чувствува во нозете на играчите, но според мене, тоа е нормално бидејќи сезоната е долга“, додаде Анчелоти.

- Оглас -

Најнови вести