Андре Онана планира летово повторно да се врати во Манчестер јунајтед и покрај интересот што за него постои од неколку други клубови, пренесуваат англиските медиуми.
Камерунскиот голман минатата сезона ја мина како позајмен играч во Трабзонспор откако го загуби местото меѓу стативите на Црвените ѓаволи. Причина за тоа беа серијата грешки во претходната сезона, кои предизвикаа жестоки критики кон него и доведоа до негово испраќање во Турција на едногодишна позајмица.
Сепак, Онана не се откажува од намерата повторно да се избори за доверба во Манчестер јунајтед. Голманот е решен уште еднаш да го убеди стручниот штаб дека заслужува место во стартниот тим и дека може повторно да биде прв избор на голот.
Во негово отсуство, Сене Ламенс се наметна како стандарден чувар на мрежата на англискиот гигант. Белгискиот голман пристигна минатото лето од Ројал Антверпен и сезонава забележа 32 настапи, прими 41 гол и седумпати ја сочува мрежата недопрена.
Манчестер јунајтед подготовките за новата сезона ќе ги стартува во средината на јули, а Онана ќе му биде на располагање на клубот бидејќи Камерун нема да настапи на Светското првенство кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико.
Одлуката дали Онана ќе биде дел од тимот за летните подготовки ќе ја донесе новиот менаџер, а според најавите, тоа наскоро и официјално треба да стане Мајкл Карик.
Пред враќањето во Англија, Онана го очекува уште еден важен натпревар, финалето на Купот на Турција меѓу Трабзонспор и Коњаспор.

