Летниот преоден рок би можел да донесе нов голем чекор во кариерата на Елиф Елмас, кој повторно е цел на клубови од Премиер лигата.
Македонскиот репрезентативец ќе го одигра последниот натпревар за Наполи овој викенд, по што ќе се приклучи на подготовките со националниот тим. Потоа го очекува враќање во Лајпциг, иако сè појасно е дека германскиот клуб нема долгорочно да смета на него.
Наполи се обиде да го задржи Елмас и започна преговори со Лајпциг, но договор не беше постигнат. Италијанците барале намалување на цената од 17 милиони евра, нешто што Германците категорично го одбиле.
Во меѓувреме, Лајпциг веќе работи на негова продажба, а според германските медиуми, најконкретни се интересите од Астон Вила и Сандерленд.
Двата клуба се подготвени да понудат целосен откуп на договорот, што е и главната цел на германскиот тим, кој не сака повторно да испраќа играчи на позајмица.
За Елмас ова би можела да биде идеална можност конечно да направи трансфер во Англија, нешто што долго време се најавуваше во медиумите. Иако претходно беше блиску до преселба на Островот, тогаш кариерата ја продолжи во Бундеслигата.

