И без Кристијано Роналдо, репрезентацијата на Португалија со победа стартуваше во Лигата на нациите во елитната Лига А откако со 1-0 во Лисабон ја совлада Италија. Андре Силва беше стрелец на единствениот гол, откако на почетокот на второто полувреме го совлада својот поранешен клупски колега од Милан, Џанлуиџи Донарума.
Со голот кој го постигна во 48-мата минута од дуелот против Италија, Андре Силва влезе во историјата на португалскиот фудбал надминувајќи го Кристијано Роналдо во една статистичка категорија. Имено, Силва сега има 13 гола на 28 меча за својата репрезентација. Тој скор е подобар од оној на Роналдо кој го имаше фудбалерот на Јувентус по 28 настапи во црвено-зелениот дрес. Роналдо на првите 28 меча за Португалија имаше постигнато само 9 гола. Актуелниот скор на Роналдо е 85 гола на 154 меча.
„Аѕурите“ со новиот селектор Роберто Манчини засега имаат само еден бод на два меча.
Во Лига Б, Шведска до 88-мата минута водеше со 2-1, а на крајот загуби од Турција со 2-3. Јунак на Турците беше Емре Акбаба кој ги даде головите за пресврт во финишот. Во Лига Ц, Црна Гора беше подобра од Литванија со 2-0, Србија и Романија ремизираа 2-2, а Шкотска ја совлада Албанија со 2-0.
Во најслабата Лига Д, во која е и Македонија, Андора извлече 1-1 против Казахстан, Косово ги надигра Фарски Острови со 2-0, а Малта и Азербејџан одиграа 1-1.