Андрија Бојиќ е МВП на колото во втората АБА-лига (Видео)

Одличната игра која ја прикажа на гостувањето кај Хелиос санс во Домжале, на српскиот центар Андрија Бојиќ од МЗТ Скопје Аеродром му го донесе признанието најкорисен играч во 12-тото коло од втората АБА-лига. Бојиќ синоќа имаше индекс на корисност од 35. Повеќе од него има само Ѓоко Шалиќ, но тој игра за Хелиос, тимот кој загуби од МЗТ во ова коло, а наградата може да ја добие само некој што настапил за победнички тим.

Бојиќ за помалку од 38 минути на паркетот имаше 35 поени (4/7 за тројка, 8/16 за два поена, 7/8 од линијата за слободни фрлања), 11 скока (шест офанзивни), една асистенција, три загубени топки и две блокади, а изнуди и четири лични грешки. Најсериозен противкандидат му беше Радосав Спасојевиќ од Сутјеска, кој имаше индекс 31.

Бојиќ е третиот член на МЗТ кој сезонава бил МВП на коло. Претходно, тоа им појде од рака и на Џејмс Вудард во првото коло и на Иве Иванов во осмото коло.

По 12 кола, МЗТ е на второто место, со две победи помалку од лидерот Приморска, која вчера го претрпе првиот пораз сезонава. Наредниот меч на МЗТ е на 26-ти декември во Чачак против Борац, а потоа на трети јануари игра дерби дома против Приморска.

МЗТ против Хелиос играше и атрактивно, а еве го најубавиот момент во изведба на Американците Медфорд и Вудард:

 

- Оглас -

Најнови вести