Екипата на Шалке 04 сигурно ќе игра во Бундеслигата следната сезона, но останува голема неизвесност за тоа кој ќе биде вториот клуб кој ќе обезбеди директна промоција во елитното германско фудбалско натпреварување. Една од најубавите фудбалски приказни за оваа сезона може да биде тимот на Елверсберг.
Тоа е клуб кој денеска убедливо со 5:1 на домашен терен го победи Падерборн во пресметка на две екипи кои се борат за влез во Бундеслигата. Овој клучен натпревар се одигра на распродадената Урсафарм Арена, чиј капацитет од 9.307 седишта на прв поглед не звучи импресивно. Сепак, тоа е феномен бидејќи општината Шпизен-Елверсберг, која се наоѓа во регионот Сарланд во југозападна Германија, има население од само околу 13.000 жители.
Доколку го постигнат историскиот успех, ќе станат најмалата општина што некогаш била домаќин на тим од првата германска лига, преземајќи го рекордот од Унтерхахинг, кој има околу 26.000 жители. Иако Хофенхајм често се нарекува село со 3.300 жители, клубот е регистриран во блискиот Синсхајм, кој има околу 36.000 жители.
Елверсберг е основан во 1907 година, а ја игра само третата сезона во втората лига во својата историја. Елверсберг и минатата сезона имаше шанси за влез во Бундеслигата, откако заврши на третото место во Цвајте и беше елиминиран во плејофот од Хајденхајм.
На две кола до крајот на сезоната во втората германска лига, Елверсберг има 59 бода е на посакуваното второ место со еден бод повеќе од третопласираниот Хановер и четвртопласираниот Падерборн. Во преостанатите два натпревари играат против Фортуна Дизелдорф и Минстер. Доколку победат во двата натпревари, Елверсберг сигурно ќе ја прослави 100-годишнината од постоењето на клубот со влегување во Бундеслигата за прв пат во својата историја.

