Ангеловски: Целта ни е да ја поминеме групната фаза на ЕП

Игор Ангеловски, селекторот на Македонија, во интервју за утринскиот брифинг на „Слободен печат“ откри дека историскиот триумф над големата Германија го посвети на својата сопруга, која водеше тешка битка со корона-вирусот.

„Победата ја посветив на својата сопруга. Помина тежок период во борбата со корона-вирусот, со тешки симптоми, но фала му на Господ и медицинскиот тим, ситуацијата е веќе подобра. Тешко ми беше што таа се разболе токму за првиот собир пред натпреварот во Романија, но, за среќа, сега е многу подобро“, почна Ангеловски.

Желбата за докажување против еден великан беше клуч за подвигот во Дуисбург.

„Оваа победа воедно е и за нашиот народ, Германија ја победивме со тимска игра, со огромна желба да докажеме дека имаме квалитет. Бевме предводени од големиот Пандев не само поради неговиот гол туку и самото негово присуство на теренот ја направи разликата. Можевте да забележите колку сите играчи трчаа и се бореа на тревата. Сите знаеме колку тежи оваа победа, игравме против четирикратен светски првак, така што наклон до под за моите момци“, додаде Ангеловски.

Цел свет се чудеше како Рисовите ги покорија популарните Панцери кои во своите редови имаат фудбалери со вредност од 80-90 милиони евра.

„Германците ги имаат едни од најдобрите фудбалери во светот, но и нашите репрезентативци веќе извесно време играат на највисоко ниво. Сане е ѕвезда на Баерн, но Алиоски собра огромно искуство во Премиер лигата. Го имаме Пандев, нашето суво злато, можам само да кажам дека ми е чест што работам со фудбалер како него. Кога тој зборува за фудбал, сите треба да молчат“, посочи популарниот Мрме.

Победата над Германија да биде мотив за што подобар настан на Европското првенство, каде што противници на Македонија ќе ѝ бидат Холандија, Австрија и Романија.

„Пред Европското не би сакал да ризикувам, сакам сите играчи да ми се на располагање. Ќе имаме еден подготвителен натпревар со Словенија на 1 јуни пред големото натпреварување. Би сакал успехот од завчера да биде само мотив за уште подобри партии на Македонија, а воедно верувам дека ќе се покажеме во најдобро светло. Среќен сум што во нашата земја владее еуфорија по победата, но не сакам еуфоријата да биде присутна во нашата соблекувална. Нашата цел е да ја поминеме групната фаза на ЕП, тоа им го кажав на играчите уште пред дуелот со Германија“, вели Ангеловски.

Ангеловски доби посебни пофалби од Јоаким Лев за својата работа, а вели дека од тоа нема поубав комплимент за него.

„Околу договорот, не би сакал да зборувам, треба да ги прашате другите. Јас максимално професионално ја работам својата задача. Ова е моја репрезентација и секако дека работат емоциите. Јас сум Македонец и го сакам најдоброто за нас, како што почнав од првиот ден, така ќе се трудам до последниот ден. Еден Јоаким Лев пред натпреварот изјави дека Македонија е премачкана со сите бои и дека ова е плод на петгодишна успешна работа. Таков стратег ви дава пофалби за работата, за мене нема поубав комплимент, а останатите нека размислат што значи Ангеловски за оваа репрезентација“, заврши селекторот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести