Феникс го потврди испаѓањето од македонска кошаркарска Суперлига, откако денеска загуби на гостувањето кај Чаир со 76-63 и така го комплетираше триото клубови кои следната сезона ќе се натпреваруваат во понизок ранг, заедно со Гостивар и Ангели. Ова значи дека трофејниот Работнички се спаси од најлошото.
Тимот од Гази Баба имаше шанса да остане во игра, особено по добриот почеток и водството во вториот период од 13-22, но потоа следуваше целосен пад во ритамот. Чаир постепено ја презеде контролата и со серија од 9-0 направи пресврт (34-30), а потоа со нова силна серија од 13-0 стигна до двоцифрена предност (47-36).
Иако Феникс во последната четвртина се обиде да се врати и дојде на само четири поени разлика, домашниот тим ја задржа смиреноста и сигурно го приведе натпреварот до крај.
Најдобри поединци кај Чаир беа Билингсли со 22 поени и 12 скока, Саити со 21 поен и Тачи со 14 поени и дури 16 асистенции.

