Страсниот англиски навивач, Енди Милн, се надева дека ќе ја продаде својата куќа за да го финансира патувањето на Светското првенство, кое ќе се одржи од 11-ти јуни до 19-ти јули во САД, Канада и Мексико.
Овој 62-годишен пензиониран наставник во денешното интервју за англискиот таблоид „Дејли Мирор“ изјави дека е подготвен да го продаде својот друг имот за да го гледа фудбалскиот турнир.
Тоа би било негово 10-то СП на кое ќе навива за Англија, деветто за машката репрезентација, заедно со Светското првенство за жени во 2023 година, кое се одржа во Австралија и Нов Зеланд.

Милн стана култна фигура меѓу навивачите на Англија, често позира како држи реплика од победничкиот трофеј на Светско првенство.
Тој живее во Тајланд и издава куќа под кирија на северот од Англија, која планира да ја продаде за 350.000 фунти (околу 400.000 евра).
„Го ставам на пазарот за да го продадам и да одам на Светското првенство. Имаме друг имот 27 години, па сметавме дека сега е вистинско време да го уновчиме. Дефинитивно сакам да го гледам целиот турнир. Одам во САД на 3 јуни и ќе бидам таму седум недели. Значи, ќе бидат потребни многу пари“, изјави Милн за „Дејли мирор“.
Милн рече дека ќе биде во Далас за првиот натпревар на Англија против Хрватска. Потоа Англија ќе игра против Гана во Фоксборо, Масачусетс, а третиот меч од групна фаза е во Њу Џерси против Панама.
Покрај високата цена на патувањето помеѓу градовите домаќини, навивачите ја критикуваа ФИФА и за високите цените на билетите. ФИФА одговори со тоа што понуди ограничен број билети по цена од 60 долари.

