Англичаните личат на криминалци, јадењето им е лошо, во 14 часот е темница

Сопругата на аргентинскиот фудбалер Анхел ди Марија, Хорхелина Кардосо, со „сочни“ зборови и сликовито раскажа кои биле главните причини што нејзиниот маж си замина од Манчестер јунајтед само по една сезона.

Ди Марија во 2014 година беше продаден од Реал Мадрид за 60 милиони фунти, но неговиот престој во Англија беше краток, па тој наредното лето се пресели во париски ПСЖ, каде што е и денеска. Уште пред да се преселат на Островот, знаеле какви се условите таму, но парите биле слатки. Ди Марија не се согласуваше добро со тогашниот тренер Луис ван Хал, но жена му открива и други причини за брзото заминување од Манчестер.

„Еден ден Анхел ми рече дека има понуда од Јунајтед. Нудеа многу пари, па во Шпанија велеа дека сме среброљупци. Да, бевме. Ако работиш во некоја компанија, а конкурентска фирма ти понуди двојно поголема плата, ќе си заминеш. Јас сум пријателка со Џанина Марадона, која му беше партнерка на Агуеро и еднаш им бевме на гости во Манчестер. Катастрофа. Кога се враќавме кон Мадрид, си рековме може да се преселиме каде било, само не во Англија. Но, судбината сакаше поинаку и една година подоцна се најдовме во Манчестер“, вели Хорхелина.

Жената на Ди Марија објасни што не ѝ се допаѓало таму.

„Ништо не ми се допаѓаше. Луѓето се слабички, чудни, одиш по улица и не знаеш дали некој ќе те убие. Храната им е грозна. На Анхел му реков дека ми доаѓа да се самоубијам бидејќи во 14 часот попладне уште е темница“, додава госпоѓа Кардосо.

- Оглас -

Најнови вести