Англичаните подобри пеналџии од Швајцарците во мечот за трето место

Англија го освои бронзениот медал, односно третото место во Лигата на нации со победата над Швајцарија по изведување на пенали. Фудбалерите на Герет Саутгејт во текот на регуларните 90 минути, како и во оние 30 дополнителни беа многу поблиску до победата, но ВАР-технологијата и рамката на голот во неколку наврати го спречија Гордиот Албион да се радува на победа пред пенал-рулетот.

Во серијата пенали двете селекции беа перфектни сè до шестата серија, кога Дајер го совлада Сомер, а обидот на Дрмиќ го одбрани Пикфорд.

Претходно во 84-тата минута Англија постигна гол преку Вилсон, но беше поништен по интервенција на ВАР-технологијата.

Вечерва во 20:45 часот во битката за трофејот на Лигата на нации во Порто на „Драгао“ стадионот ќе се соочат Португалија и Холандија.

- Оглас -

Најнови вести