Англичаните се плашат од „пеколот“ што ги чека во Подгорица

Англија со пет победи и едно реми во последните шест меча вечерва ќе гостува во Подгорица против Црна Гора. „Гордиот Албион“ моќно ги започна квалификациите откако на „Вембли“ убедливо со 5-0 ја победи Чешка. За разлика од нив, Црна Гора ремизираше на гости кај Бугарија, иако имаше водство од 1-0, а потоа прими гол од непостоечки пенал.

И покрај тоа што не започнаа со победа, Црногорците се оптимисти дека може да изненадат против Англија. И селекторот на Англија, Герет Саутгејт, знае дека воопшто нема да биде лесно да се освојат трите бода во Подгорица. Саутгејт посебно потенцира дека домашните навивачи знаат да направат пеколна атмосфера, па селекторот на Англија вели дека ова ќе биде одлично искуство за помладите играчи.

„Навивачите во Црна Гора се многу страсни и знаеме што нѐ чека. Тоа ќе биде добро искуство за нашите млади фудбалери и ќе видиме како тие ќе реагираат на тоа. Малку се грижам за нив поради атмосферата, но мислам дека ќе биде се во ред. Знам колку навивачите на Црна Гора го сакаат својот тим и својата земја и со атмосферата која ја создаваат, им даваат дополнителна сила на нивните фудбалери“, вели Саутгејт, кој додаде дека неговите играчи сепак треба да се фокусираат на тоа што ќе се случува на теренот, а не на трибините.

Англија досега двапати гостувала кај Црна Гора и нема победа. Во 2011 година одигра 2-2, а две години подоцна беше 1-1. Вкупно во четири меѓусебни средби, некогашниот светски првак има само една победа.

 

- Оглас -

Најнови вести