Маркос Сенеси и официјално ќе го напушти Борнмут. Англискиот клуб потврди дека аргентинскиот стопер си заминува по истекот на договорот, што значи дека ова лето ќе биде достапен како слободен агент, без обештетување.
Станува збор за исклучително важна вест на трансфер-пазарот бидејќи Сенеси веќе подолго време го привлекува вниманието на бројни клубови од Премиер лигата и остатокот од Европа. Аргентинскиот репрезентативец важи за еден од најсигурните и најкомплетни дефанзивци меѓу клубовите од средината на табелата во Англија.
Англиските медиуми во последните месеци го поврзуваа со неколку познати клубови. Меѓу заинтересираните се споменуваат: Њукасл, Астон вила, Ливерпул и Тотенхем, а интерес постои и од клубови во Серија А и Ла Лига.
Клубовите особено ја ценат неговата способност за изнесување на топката, агресивноста во дуелите и искуството стекнато во интензивниот ритам на Премиер лигата. За дефанзивец кој пристигнува без обесштетување, ваков профил претставува ретка можност на пазарот.
Сенеси пристигна во Борнмут во 2022 година од Феенорд и многу брзо стана еден од клучните играчи во одбраната. За време на престојот во Англија изгради репутација на цврст и сигурен стопер, кој одлично се снаоѓа и во систем со високо поставена одбранбена линија.
Неговите добри настапи му донесоа и повик во репрезентацијата на Аргентина, каде што во последните години повремено беше дел од поширокиот состав на светските шампиони.
На 29 години, Сенеси влегува во период од кариерата во кој сè уште може да игра на многу високо ниво, а фактот дека е слободен агент, дополнително го прави привлечен за многу клубови. За него има интерес и од најдобрите: Арсенал, Манчестер јунајтед, Манчестер сити…

