Незапамтен хаос во Шкотска: Судијата и неговото семејство ги чува полиција поради досудениот пенал кој може да го реши шампионатот (Видео)

Трката за титулата во шкотското првенство достигнува кулминација, а тоа носи и некои негативни последици. Судијата Џон Битон се најде во сериозна опасност поради досудениот пенал кој го досуди за Селтик во дуелот против Мадервел.

Во претпоследното коло Селтик со 3:2 на гости го победи Мадервел, а погодокот за победа на шкотскиот гигант беше постигнат во 90+9 минута и тоа од пенал. Оваа одлука предизвика голема дебата дали Селтик бил фаворизиран и дали воопшто требало да има пенал за гостите кои победија со погодокот на Келечи.

Ако резултатот останеше 2:2, Селтик во пресрет на последното коло ќе имаше 77 бодови, а сега со триумфот има 79 бодови, само еден помалку од лидерот Хартс. Во последното коло Селтик е домаќин на Хартс и во директен дуел ќе се решава шампионот. Сега на Селтик му е доволна каква било победа за да бидат прваци, а доколку останеше 2:2 на мечот против Мадервел, Селтик ќе мораше да брка победа од три разлика.

Токму поради овој расплет во претпоследното коло, многу навивачи жестоко реагираа поради одлуката на арбитарот Битон да досуди пенал, морала да реагира полицијата и да го заштити арбитарот. по цела оваа ситуација, со реакција се јавија од фудбалската федерација на Шкотска.

„Џон Битон и неговото семејство минатата ноќ ја поминаа со полициска заштита. Шкотската фудбалска федерација најостро ја осудува можноста да се загрози безбедноста на судијата. Такво насилништво мотивирано од одлуки донесени на теренот е дамка за нашиот домашен фудбал. Благодариме на полицијата за брзата интервенција“, стои во дел од соопштението од шкотската федерација.

- Оглас -

Најнови вести