Анонимен Полјак е новото голгетерско чудо во топ 5 лигите

Кжиштоф Пјонтек е играчот кој е откритие на сезоната не само во италијанската Серија А туку во топ 5 лигите. Полскиот напаѓач до пред три месеци беше дел од екипата на Краковија во полското првенство. Со 21 постигнат гол, беше најдобар стрелец во тимот, а трет голгетер во цела лига.

Тоа беше доволно за да направи трансфер во Џенова. Тимот во чиј напад е и Горан Пандев, направи одлична работа со доведувањето на Пјонтек. Даде четири милиони евра за трансферот, но играчот сега вреди многу повеќе.

Пјонтек со Џенова денеска загуби убедливо на гостувањето кај Лацио, но тој го даде единствениот гол за неговиот тим (1-4). Со тој погодок, Полјакот го достигна легендарниот Андриј Шевченко. Двајцата може да се пофалат дека во првите четири меча во Серија А, постигнале пет голови. Дури 19 години се чекаше за наследник на Шевченко.

Во Серија А дефинитивно има наследник на Шевченко, но радост е и за Полска, која го доби „новиот“ Роберт Левандовски. Пјонтек не беше повикан за репрезентацијата на Полска на Светското првенство во Русија, а немаше ниту еден настап во националниот дрес, но сега е иднината во која сите веруваат.

Во Серија А, Пјонтек даде еден гол против Емполи, два пати беше прецизен против Сасуоло, а потоа ги тресеше мрежите и на Болоња и Лацио. Во Купот на Италија одигра еден натпревар и беше неверојатен кога против Лече успеа да погоди четири пати.

Засега Пјонтек не само што е прв стрелец во Италија туку е и најдобар голгетер во топ 5 лигите, што, секако, е за неверување.

- Оглас -

Најнови вести