Апел на Димитриевски до навивачите: Имаме квалитет, дојдете заедно да се радуваме на победа против Грузија

Столе Димитриевски вели дека е горд член на македонската репрезентација, која нè радува со успеси, и ги повика навивачите да дојдат и да ја наполнат арената „Тодор Проески“ утре и заедно да се радуваме на нова победа.

Грузијците се ривалот што засекогаш ќе го паметиме по добро бидејќи ги победивме во историски меч на 12 ноември во Тбилиси со 1:0, во финалето на Сегментот Д во Лигата на нациите и се пласиравме на прво Европско првенство.

Ако ги победиме и утре, во нов циклус на Лигата на нациите, ќе ги смениме на врвот во нашата група од Сегментот Ц.

„Секогаш уживам кога го носам дресот со национални обележја, а особено убаво се чувствувам кога играме на свој терен, пред своја публика. Подготвен сум да ја сочувам мојата мрежа, навивачите само нека дојдат да уживаат и да не бодрат, па пак да се радуваме на нов успех“, вели стандардниот голман на Македонија.

Додаде дека Грузија е во добра форма, со 7 меча без пораз, но ако Македонија одигра како што знае, верува дека ќе победиме.

Мечот ќе се игра утре, од 20.45 часот, во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести