Аргентинскиот селектор „краде“ млади фудбалери кои досега играа за Шпанија и Италија

Аргентинскиот селектор, Лионел Скалони, им приреди непријатно изненадување на Шпанците и Италијанците со тоа што на списокот на фудбалери за наредните два меча од квалификациите за Светско првенство стави играчи кои имаат право да настапуваат или веќе настапуваат за младинските селекции на Шпанија и Италија.

Скалони на листата ги стави и Лионел Меси, Пауло Дибала, Лаутаро Мартинес и останатите ѕвезди на Гаучосите, но интересни се новите имиња, кои ако заиграат, веќе нема да смеат да играат за други држави.

Алехандро Гарначо е роден во Мадрид, а игра како лево крило за младинскиот тим на Манчестер јунајтед. Неговите родители се Аргентинци, но тој веќе настапуваше за младинските селекции на Шпанија.

Николас Пас е роден во Тенерифе, Шпанија, член на Реал Мадрид, има 17 години и син е на Пабло Пас, кој на Олимписките игри во 1996 година со Аргентина освои злато.

Тијаго Гералник беше во младинските категории на Ривер плејт, пред да се пресели во Вилјареал по барање на неговиот татко.

Браќата Франко и Валентин Карбони се родени во Буенос Аирес во 2003, односно 2005 година, во моментов се во јуниорскиот тим на Интер, а имаат играно и за младите селекции на Италија. Нивниот татко Езекиел Карбони играше за Катанија од 2008 до 2011.

Тука е и Лука Ромеро, кого го нарекуваа новиот Меси и игра за Лацио. Ромеро е најмладиот играч кој настапил на меч од шпанската лига, кога влезе во игра на средбата Мајорка – Реал Мадрид. Тој има и шпански пасош, а роден е во Мексико.

- Оглас -

Најнови вести