Арсенал е скроен за титула, Габриел го реши лондонското дерби (Видео)

Фудбалерите на Арсенал продолжуваат со одличните игри сезонава во која се издвоија со Манчестер сити како главни фаворити за титулата во Премиер лигата.

Топчиите во лондонското дерби со совладаа Челзи со 1:0 и се вратија на врвот на табелата со 34 бода, два повеќе од Сити и се наоѓаат на добар пат, едномесечната пауза поради Светското првенство во Катар да ја дочекаат на лидерската позиција.

Тимот на Артета е одличен сезонава и во дерби пресметките, ги победи и Тотенхем и Ливерпул, а загуби само од Манчестер јунајтед.

Арсенал беше подобар тим на „Стемфорд бриџ“, ја контролираше играта, имаше поголем посед, беше поконкретен, и единствените шанси на мечот ги имаа токму Топчиите. Габриел Жесус имаше две шанси кои не ги реализира, но затоа друг Габриел, дефанзивецот во 63-та минута го реши мечот.

Букајо Сака изведе одличен корнер, топката помина покрај неколку играчи во петерецот на Менди, и на Габриел му остана само да постави нога за да се запише во листата на стрелци. Топката ќе влезеше во мрежата и доколку Габриел не ја допреше.

Арсенал во последниот меч пред паузата ќе му гостува на Вулверхемптон, додека Челзи го чека уште еден тежок меч, против Њукасл кој игра одлично сезонава.

- Оглас -

Најнови вести