Арсенал го комплетираше трансферот за историја во Англија

Англискиот репрезентативец Деклан Рајс го стави потписот на договорот со Арсенал. За сума од 105 милиони фунти, Рајс стана најскап англиски фудбалер во историјата на Премиер лигата. Малку фалеше Рајс да биде и најскап фудбалер во историјата на Премиер лигата, но за малку не го достигна рекордот на Енцо Фернандес кој дојде во Челзи за 106,8 милиони фунти.

Трансферот на Рајс од Вест хем во Арсенал сепак е историски по неколку основи. Тој е најскапиот англиски фудбалер, најскапиот трансфер на Топчиите, како и најголемата сума која Чеканите ја заработиле од трансфер на еден фудбалер.

Рајс е играч од средината на теренот, кој потпиша договор со Арсенал до јуни 2028 година. Овој фудбалер помина една деценија во Вест хем. Пристигна во 2014 година, а една година подоцна дебитираше за првиот тим на Чеканите. Вкупно одигра 245 натпревари за Вест хем и постигна 15 голови. Во дресот на англиската репрезентација одигра 43 средби и постигна три погодоци.

 

- Оглас -

Најнови вести