Арсенал се врати на победнички пат по минималната, но многу значајна победа од 1-0 против Њукасл на „Емирати“, во дерби натпреварот од 34-тото коло во Премиер лигата.
По поразот од Манчестер сити, тимот на Микел Артета го гледаше овој меч како едно од „финалињата“ во трката за титулата. Почетокот им припадна на гостите, кои во првите минути создадоа две полушанси, но без реална закана.
Со текот на времето Арсенал ја презеде контролата и почна да притиска. Нони Мадуеке беше меѓу најактивните, создавајќи неколку опасни ситуации, а по една негова акција од корнер се роди и единствениот гол на натпреварот.
Во деветтата минута, по добро организирана акција во која учествуваа Каи Хаверц и Еберечи Езе, токму Езе со прецизен удар го донесе водството за домаќините.
До крајот на првото полувреме играта се смири, со повеќе посед за Арсенал, но без големи шанси. Сандро Тонали се обиде за Њукасл, но Давид Раја реагираше сигурно.
Во вториот дел, Арсенал повторно беше поактивен, но серијата повреди на Езе и претходно Хаверц го нарушија ритамот. Виктор Ѓокереш влезе од клупата, но не успеа да ја искористи својата шанса во финишот.
И покрај нервозниот финиш и пропуштените шанси во судиското продолжение, Арсенал ја задржа предноста и освои три бода, со што повторно се одвои од Сити на табелата, но играта остава простор за загриженост во борбата за титулата.

