Ракометарите на ГРК Охрид загубија со минимални 27-26 на гостувањето кај Целје во првиот полуфинален натпревар од ЕХФ Европскиот куп. Иако мечот беше исполнет со осцилации, избраниците на Борис Ројевиќ покажаа карактер и се вратија од голема негатива, па овој пораз остава реални шанси пред реваншот во Охрид на 2 мај.
Охриѓани тргнаа фуриозно и со серија голови на Тасески, Ојлески, Иванковиќ и Стрмљан поведоа со убедливи 0-6. Домашните првиот гол го постигнаа дури по десет минути, а Ѓукиќ возврати за 1-7.
Сепак, по водството од 5-9, следуваше пад во играта на македонскиот тим. Целје ја искористи слабата реализација и направи серија од 8-0, со која го презеде водството. До крајот на полувремето, Охрид остана без гол цели 11 минути, па на пауза се замина со 15-11 за домаќините.
Во второто полувреме, Охрид се доближи на три гола негатива, но Целје повторно влезе во ритам и поведе со највисоки „плус седум“ (22-15). И кога се чинеше дека натпреварот е решен, охриѓани се разбудија, ја зацврстија одбраната и со серија од четири гола се вратија во игра.
Во завршницата, тимот од Охрид покажа зрелост и со головите на Лиапис, Ојлески и Тасески намали на само еден гол разлика. Пилиповиќ имаше важна интервенција, а Ѓукиќ во самиот финиш го постави конечниот резултат 27-26.
И покрај поразот, Охрид со оглед на текот на натпреварот може да биде задоволен од резултатот, бидејќи во реваншот на домашен терен ќе има реална можност да избори финале.

