Арсенал и Барселона тонат, а Артета и Куман не ни размислуваат за заминување

Барселона вчера повторно киксираше на „Камп Ноу“, откако одигра само 2:2 против Валенсија. Каталонскиот гигант прво губеше со 0:1, потоа стигна до 2:1, но на крајот не ја задржа предноста и дуелот заврши 2:2. Барселона сега има 21 бод и заостанува дури осум зад лидерот Атлетико Мадрид, кој има и меч помалку.

Неверојатно делува фактот дека Барселона има само шест победи во 13 натпревари, односно не може да направи ни 50 отсто триумфи, нешто што воопшто не беше спорно во претходните години. И покрај ремито со Валенсија, тренерот Роналд Куман воопшто не размислува за оставка.

„Беше тежок меч. Успеавме од 0:1, да стигнеме до позитива, но потоа требаше да бидеме посконцентрирани. Имавме шанси и за трет гол, но во клучните моменти не бевме сконцентрирани. Не одигравме така како што се договоривме“, објаснуваше тренерот Роналд Куман по мечот.

Ако Барселона и покрај слабите резултати е во Топ 5, тоа не може да се каже за Арсенал во Англија. Топчиите се очајни и веќе имаат осум порази во првите 14 натпревари во Премиер лигата. Вчера Арсенал загуби од Евертон, па тимот на Микел Артета остана со само два освоени бода во последните осум натпревари и затоа сега е на 15-тото место на табелата.

„Знам што се случува. Енергијата и вниманието ми е фокусирано на тоа да го извадам тимот од оваа ситуација во која се најдовме. Не размислувам за оставка“, рече Артета.

 

- Оглас -

Најнови вести