Арсенал ја покажа силата: Топчиите се распукаа и победија со 6:0!

По четири порази во низа, Арсенал конечно се израдува на триумф. Во меч од 32-финалето во Лига купот на Англија, Топчиите на гости немаа милост против Вест Бромвич албион и славеа со убедливи 6:0. ВБА е лидер во Чемпионшип со амбиции за враќање во Премиер лигата, но вечерва доби лекција од лондонскиот тим.

Арсенал сезонава стартуваше на најлош можен начин во последниве 118 години, откако двапати загуби во првенството, и тоа без да даде гол. Сега во Купот полека ја вратија самодовербата, благодарение на убедливата победа.

Пјер-Емерик Обамејанг беше најрасположен за голови и напаѓачот постигна хет-трик благодарение на погодоците во 17-тата, 45-тата и 62-рата минута. Пепе погоди во 45+1, Сака даде гол во 50-тата минута, а Лаказет стави точка со погодокот во 69-тата минута.

Триумфот на Арсенал не беше најубедлив вечерва во Лига купот. Саутхемптон со 8:0 славеше на гости кај четвртолигашот Њупорт. Гостите дадоа три гола во првиот дел, а во вторите 45 минути погодија уште петпати.

Најдраматично беше на премиерлигашката пресметка меѓу Њукасл и Барнли. По 90 минути, резултатот беше 0:0, па мораа да се изведуваат пенали. Фудбалерите на Њукасл промашија два од пет шута, а гостите беа само еднаш непрецизни, па Барнли се радуваше на пласман во следната фаза од Купот.

 

- Оглас -

Најнови вести