Артета против Емери не е само дуел на двајца тренери кои се борат за влез во финале

Дуелот на Вилјареал и Арсенал некако е во втор план, и во сенка на другото полуфинале помеѓу Манчестер јунајтед и Рома, но ќе биде интересно и во Шпанија. Тренер на Топчиите е Шпанецот Микел Артета, додека на клупата на Жолтата подморница е Унаи Емери, кој е претходникот на Артета во Арсенал.

Емери е човек кој со Севилја освои три титули по ред во Лига Европа, ова е негово омилено натпреварување, и на лондонскиот тим кој е фаворит на хартија, нема да му биде лесно против опасниот тактичар кој добро ги знае слабите страни на Арсенал. Емери 18 месеци беше тренер на Арсенал, а во ноември 2019 година беше отпуштен, и еден месец подоцна, на клупата седна Артета кој доби три ипол годишен договор.

Емери од јули 2020 е во Вилјареал. Во мај 2019 година, со Арсенал стигна до финалето, но беше поразен од Челзи со 1-4 во Баку. За Арсенал и Вилјареал, освојувањето на Лига Европа е шансата да се најдат во следното издание на Лигата на шампионите.

Вилјареал никогаш го нема победено Арсенал, но двата нивни меѓусебни дуели во Шпанија во 2006 и 2009 завршија нерешено.

- Оглас -

Најнови вести