АСОМ: Македонија е единствена земја во регионот во која не се нудат онлајн игри на среќа

Република С. Македонија е единствената земја во регионот која нема онлајн игри на среќа. Ова е заклучокот од регионалниот состанок на здруженијата за игри на среќа одржан во рамките на 13-тиот Саем на игри на среќа „BELGRADE FUTURE GAMING 2021“ кој минатата недела се одржа во Белград.

На саемот, меѓу излагачите на технолошки и софтверски иновации од 10-тина европски земји, зедоа учество и здруженија на приредувачите на игри на среќа од земјите од регионот, а учествуваше и Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), претставена од претседателот Васко Илијевски.

„На средбата со своите колеги, Претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, информираше дека онлајн игрите на среќа во РС Македонија беа овозможени минатата година само 6 месеци преку Уредба на Владата, како механизам за премостување и надминување на последиците од пандемијата која сериозно ја погоди индустријата на игрите на среќа, со оглед на привременото затворање на приредувачите и рестриктивните мерки кои во континуитет ги носи Владата за справување со ковид-кризата. Илијевски истакна дека и покрај апелите на Асоцијацијата за преточување на Уредбата во трајно законско решение, Владата и институциите немаа слух, а на 22 декември 2020 година Уредбата прекина, а со тоа прекинаа и онлајн игрите на среќа во земјата.

Во конструктивна дискусија во која земјите од регионот ги истакнаа економските придобивки за државата од онлајн игрите на среќа и придобивките за приредувачите во насока на одржливост на индустријата и зачувување на работни места, Илијевски информираше дека во шесте месеци, колку што траеше Уредбата, таа и во нашата земја се покажа како одлично решение и за бизнисот и за државата. Уредбата придонесе спортските обложувалници да ги задржат сите вработени, но и да се овозможи прилив на средства во државниот буџет и кревката економија погодена од ковид-кризата. Воедно, Уредбата се покажа и како одличен механизам за одржливост на целата стопанска гранка која вработува повеќе од 10.000 луѓе и придонесува во државниот буџет со над 250 милиони евра на годишно ниво.

На средбата, Илијевски прецизираше дека во периодот додека на важност беше Уредбата, според пресметките на АСОМ, од мај до декември 2020 година, од четирите отсто посебна давачка за онлајн се слеале околу 35 милиони денари, а од 15-те отсто данок на личен доход, околу 65 милиони денари, или вкупно 100 милиони денари за пет месеци само од онлајн спортско обложување. Перспективно, само од оваа услуга, државата би инкасирала многу поголеми средства во буџетот. Но и по 9 месеци од укинувањето на Уредбата и покрај сите апели, државата не успеа да изнајде соодветно законско решение и да им овозможи на македонските лиценцирани обложувалници да приредуваат онлајн спортското обложување, констатираше Илијевски и истакна дека и натаму остануваат децидни во барањата кон државата што поскоро и трајно да овозможи он-лајн игри на среќа преку македонските лиценцирани приредувачи.

Во сеопфатната анализа на состојбите со игрите на среќа во регионот, Илијевски истакна дека повеќе од 2 години Асоцијацијата се обидува да превенира измена на Законот на игрите на среќа и носење на радикални законски решенија коишто водат кон затворање на целата стопанска гранка и оставање без работа неколку илјади вработени, осврнувајќи се поконкретно на 500-те метри дистанца на спортските обложувалници од образовните институции и зголемувањето на давачките за приредувачите по разни основи.

Генерален заклучок на сите учесници е дека oбемот на бизнисот е драстично опаднат како последица на пандемијата, но и тоа дека покрај сé, организаторите на игрите на среќа се водечки во спроведувањето на донаторски и хуманитарни акции за целото времетраење на пандемијата во сите земји од регионот. Беше истакнато дека е постигната одлична соработка со надлежните државни органи и дека е обезбедена и сè уште се обезбедува помош за најранливите системи, организации и поединци – набавка на медицинска и санитарна опрема, помош во лекови, храна, овошје, вода и други потреби за болници, институции за социјална заштита и заштита на децата, помош на болните деца и оние кои страдаат од ретки болести итн.

Инаку, 13 -тиот саем за игри во Белград собра 27 излагачи од десетина европски земји кои ја претставија својата понуда на околу 2.500 квадратни метри во Салата 5 на Белградскиот саем, пред сè технолошки и софтверски иновации, кога станува збор за опремата за игри на среќа. Без оглед на малку послабата посетеност предизвикана од пандемијата, организаторите на саемот посочуваат дека се задоволни од фактот што успеале да го зачуваат континуитетот и традицијата на Белградскиот саем на игри на среќа“, стои во соопштението на АСОМ.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести