Поранешниот тенисер Роберто Бертолучи отвори полемика во Италија по сензационалната елиминација на светскиот рекет број 1, Јаник Синер, од Ролан Гарос, доведувајќи ги во прашање официјалните објаснувања за причините за неговиот пад во натпреварот против Хуан Мануел Серундоло.
Италијанецот водеше со 2-0 во сетови и 5-1 во третиот, а потоа следуваше целосен колапс. Синер одеднаш се соочи со физички проблеми и грчеви, едвај можеше да се движи, загуби 18 од следните 20 гема, а Аргентинецот дојде до голема победа со неверојатен пресврт.
Бертолучи не верува дека проблем било топлото време во Париз, а тоа го кажа и самиот Синер.
„Не сакам да се преправам дека сум доктор, но не разбирам како ова може да му се случи на 30 степени и само 25 проценти влажност? Тоа е сосема нормална температура, дури и аматерите и рекреативните играчи нормално играат на неа цело лето. На негово ниво, тоа не би требало да биде проблем. Не можело да биде топлотен удар. Кога некој ќе доживее топлотен удар, има треска. Неговиот притисок и температура биле совршени. Овие два фактори се најдобар доказ дека не станува збор за топлотен удар. Не сум доктор, но тој и лекарите околу него знаат за што се работи. Нешто се случува, тој човек го влече тоа долго време. Она што му се случи не е нормално“, коментираше Бертолучи.
Иако многумина веднаш ќе помислат дека она што се случи на „Филип Шатрие“ има врска со допинг-тестовите од пред две години, тоа не мора да биде случај. Можеби Синер има некаков здравствен проблем што го крие, првенствено поради неговите спонзори. Тој не би бил првиот што се нашол во таква ситуација – дека поради договори со богати компании, некои проблеми се прикриваат со надеж дека еден ден ќе бидат решени.

