Аталанта ќе има морална предност: Калчолигашите се кошмар за францускиот првак

Пари Сен Жермен навидум имаше доста среќа на денешна ждрепка за четвртфиналето во Лигата на шампионите добивајќи ја Аталанта за противник во битката за пласман во топ-4 на новоформираниот турнир во Лисабон.

Екипите се сместија меѓу најдобрите осум пред паузата поради пандемијата со корона-вирусот, ќе ги одмерат силите на 12 август во Лисабон. Фаворитската улога несомнено ќе му припадне на францускиот првак, но Светците нема да имаат толку лесна задача да го продолжат европскиот сон.

Имено, ПСЖ има катастрофален учинок во европските натпреварувања против екипи од италијанската елита, само со две победи во вкупно 16 дуели.  Во двомечи против Јувентус, Милан, Наполи и Парма, Светците имаат негативен биланс од 13-24 во погодоци, со претрпени дури девет порази и пет ремија.

Дополнителен проблем за екипата на Томас Тухел е што не е во натпревачки погон уште од средината на март, а токму дуелот против Аталанта ќе биде меѓу првите по повеќемесечниот одмор.

Тимот од Бергамо, иако е дебитант во најелитното континентално натпреварување, зад себе има блескава сезона на меѓународната сцена. Избраниците на Гасперини се во неверојатна сезона по рестартот на сезоната во Серија А, со шест последователни победи и гол-разлика 15-7, поточно имаат 11 победи во низа од февруари наваму.

Кога се во прашање настапите во ЛШ, Аталанта ги доби последните четири меча со тоа што ја нокаутира Валенсија во осминафиналето со 8-4 гол-разлика.

- Оглас -

Најнови вести