Селекторот на Турција Ергин Атаман е незадоволен од терминот кој го доби неговата репрезентација за осминафиналниот дуел на Европското кошаркарско првенство. Според распоредот, Турција против Франција ќе игра утре и тоа точно на пладне, односно во 12 часот.
Тоа е малку чуден термин за меч од нокаут фаза, а Атаман вели дека тоа било намерно направено за турските фанови да не може да пристигнат и да ги бодрат своите миленици во салата во Берлин.
„Ова е големо омаловажување, мечот против Франција да го играме во 12 часот на пладне. Цел е да се спречат турските навивачи да ја наполнат цела сала. Сепак, јас верувам дека нашите земјаци од цела Германија ќе пристигнат во салата, иако терминот не е соодветен за кошаркарски меч“, рече Атаман.
Четири осминафинални дуели ќе се играат утре, а уште четири се закажани за в недела.