Атлетиката добива нов Болт што руши рекорди како од шега (Видео)

Светот на атлетиката има ново чудо, а се вика Арманд Дуплантис. Тоа е 20-годишниот шведски скокач со стап, кој во првата сезона како професионалец испиша историски резултати. Популарно наречениот Мондо, е неверојатно талентиран во скок со стап, а тоа го покажа минатата недела на натпреварувањето во Полска, но и сега на митингот во Глазгов.

Дуплантис пред една недела во Полска постави светски рекорд во скок со стап во сала, откако прескокна 6,17 метри. Дека тој резултат не беше случаен, туку само најава во нови подвизи, потврди денеска на натпреварувањето во Глазгов. Многумина веќе го споредуваат Мондо со легендарниот спринтер Јусејн Болт, кој беше познат по својата доминација и леснотијата со која ги рушеше рекордите на 100 и 200 метри.

„Не им замерувам што ме споредуваат со Болт и што очекуваат да имам толку добра кариера како него. Јас ќе се обидам на спортот да му дадам најмногу што можам и ќе се обидам да скокам највисоко што можам“, рече Дуплантис по денешното рушење на светскиот рекорд кој токму тој го постави пред само една недела. Фантастичниот Мондо успеа да скокне 6,18 метри уште во првиот обид.

Дуплантис е син на познатиот атлетичар во скок со стап, Грег Дуплантис, кој се натпреваруваше во времето кога во оваа дисциплина доминираше неверојатниот Сергеј Бубка. Грег во кариерата има прескокнато најмногу 5,80 метри. Колку за споредба, Арманд стигна до 5,90 метри кога имаше само 17 години, со што само се потврди дека се работи за вонсериски атлетичар.

Неверојатно звучи но Дуплантис е светски рекордер во натпревари за деца до 7 години, за деца до 12 години, а е светски рекордер и во сите останати категории од У17 до сениори.

 

- Оглас -

Најнови вести