Атлетико не ја затресе мрежата на Валјадолид, ама победи

Со голот на Витоло во 81-ва минута, Атлетико Мадрид одвај го совлада Валјадолид со 1-0, и сега мадридските Јорганџии се искачија на третото место на табелата во шпанската лига, бидејќи имаат подобра гол-разлика од четвртата Севилја.

Атлетико во минатото коло даде пет гола, но вечерва се мачеа во нападот, ги фати нервоза, Диего Коста доби картон после подолго време, а сепак во финишот искористија една грешка на голманот на Валјадолид, Каро, кој е дебитант во Ла Лига, па Витоло со глава ја испрати топката во голот. По прегледување на снимката, се утврди дека топката ја минала гол-линијата пред да биде вратена во поле.

Атлетико е тим со најмногу нерешени мечеви во Шпанија сезонава, ги има дури 13, но со победите во последните две кола, составот на тренерот Симеоне се најде таму каде што им е местото, на позиција која води во Лигата на шампионите. Симеоне изби на петтото место на листата на тренери во Шпанија кои најчесто победувале со резултатот 1-0. Ова му беше 59-та ваква победа.

Куриозитет е што денеска на сите мечеви во Ла Лига, домашните даваа по еден гол.

- Оглас -

Најнови вести