Аврамовски и Попзлатанов донесоа нов триумф за Вардар, Шкендија го растури Борец

Вардар има максимален учинок во последните три кола од ПМФЛ, откако избраниците на Васоски денес ја совладаа Ренова со сигурни 2-0 во мечот од 13-тото коло. Црвено-црните со новиот успех ја зголемија разликата на табелата во однос на Академија Пандев на пет бода, бидејќи струмичани вчера ремизираа против Работнички.

Даниел Аврамовски ја продолжи извонредната форма запишувајќи го осмиот овосезонски погодок, 20-тата минута се покажа како клучна за победата на вардарци, но за да нема дилеми, Попзлатанов стрелаше во последната минута од регуларните 90 на арената „Тодор Проески“.

За Вардар ова е деветта победа по која сега имаат вкупно 30 бода, додека Ренова го претрпе четвртиот пораз во последните пет кола и со 14 бода стои на критичната осма позиција.

Шкендија немаше проблеми против Борец и славеше со убедливи 4-0. Актуелниот шампион на погон на Алими и Ибраими го запиша петтиот овосезонски триумф со кој направија подвиг на табелата до третата позиција.

Голеадата во Тетово ја започна и заврши Алими, запиша хет-трик, додека Ибраими се запиша во листата стрелци во 24-тата минута кога донесе водство од 2-0. Шкендија сега е трета со 18 бода, 12 помалку од лидерот Вардар, односно седум бода зад Академија Пандев, додека екипата од Велес е на претпоследното место по 13 првенствени меча.

Изненадување приреди Силекс на гостувањето кај Македонија ЃП со минималните 1-0, додека Шкупи и Струга ТЛ ремизираа без голови.

 

- Оглас -

Најнови вести