Австријците нѐ фалат: Македонија има бисер стадион

Австриските медиуми со многу комплименти им објаснуваат на своите читатели каде ќе гостува нивната репрезентација вечерва од 20.45 часот.

„Македонците имаат стадион убав како бисер. Играчите на Салцбург веќе играа на арената на која сега ѝ е сменето името од Филип Втори во Тодор Проески. Таму се играше и мечот од Суперкупот на Европа меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед во 2017 година, што потврдува дека фудбалерите ќе ги имаат сите услови за добар настап“, пишува Герхард Ехлингер, новинар кој допатува со австриската репрезентација во Скопје.

Малку е чудно за Австријците што често се менуваат имињата, па се објаснува дека од почетокот на оваа година и државата си го смени името во Северна Македонија, а нешто подоцна и стадионот беше преименуван од „Филип Втори“ во Национална арена „Тодор Проески“.

Играчите на Ред Бул Салцбург, а ги има петмина во составот на Австрија, веќе играа на нашиот стадион, лани во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите и се радуваа на победа против Шкендија од 1:0.

Интересно е што тие доминираат во националниот состав на Австрија, а против Словенците во саботата имаа тројца во првиот состав, тројца беа резерви, а уште четворица во минатото имаат играно за актуелниот шампион Ред Бул Салцбург.

 

 

- Оглас -

Најнови вести