„Аѕурите“ ја имаат најлошата одбрана во последните 60 години

Ниту доаѓањето на Роберто Манчини на клупата на италијанската фудбалска репрезентација не донесе напредок во играта и во резултатите на некогашниот европски и светски првак. Синоќа, на свој терен „аѕурите“ одиграа само 1:1 во пријателскиот дуел со Украина. Фаворитот имаше предност со погодокот на Бернардески во 55 минута, но Украина предовдена од Андриј Шевченко на клупата како селектор успеа да израмни. Малиновски во 62 минута погоди за 1:1, што се покажа и како конечен резултат.

„Мислам дека вечерва заслуживме да постигнеме уште неколку голови. Мораме да се поправиме во тој аспект и да продолжиме понатаму. Мора да бидеме по конкретни во нападот, бидејќи кога имаме шанса, треба да дадеме гол. Им дозволивме на Украинците да создадат неколку шанси, но мислам дека бевме добри. Сега имаме неколку дена за да се подготвиме за дуелот против Полска“, рече селекторот на Италија, Роберто Манчини.

Со овој примен гол од Украина, Италија израмни еден неславен рекорд. На осум меча по ред се тресе мрежата на „аѕурите“, што се нема случено уште од 1958/59 година. „Аѕурите“ со децении важат за селекција која е поим за добра одбрана, а сега полека но сигурно тоа оди во заборав. Италија на последните осум средби прима барем по еден гол во дуелите со Аргентина (пораз 0:2), Англија (1:1), Саудиска Арабија (2:1), Франција (1:3), Холандија (1:1), Полска (1:1), Португалија (0:1) и Украина (1:1).

Мрежата на Италија последен пат мирувала на дуелот против Шведска, во реваншот од баражот за пласман на СП 2018. Тогаш Италија како домаќин одигра 0:0, резултат кој значеше дека „аѕурите“ нема да одат на Мундијалот во Русија, бидејќи на првиот дуел загубија со 1:0.

Во изминативе нешто повеќе од една година, и репрезентацијата на Македонија се запиша меѓу оние кои дале гол против Италија, откако во квалификациите на средбата одиграна во Торино беше 1:1. Александар Трајковски погоди за нашата селекција.

- Оглас -

Најнови вести