Баерн и Мајнц одиграа за мерак на навивачите, има нов лидер на табелата во Бундесигата

Фудбалерите на Баерн Минхен со убедливи 6:2 го совладаа Мајнц и ќе преспијат на лидерската позиција на табелата најмалку до утре. Победата го искачи Баерн на првото место на табелата со 25 бода, два повеќе од Унион Берлин кој својот натпревар против Борусија Менхенгладбах ќе го игра утре.

Баерн поведе по само пет минути игра и тоа со голот на Серж Гнабри по асистенцијата на Садио Мане. На 2:0 зголеми Џамал Мусиала во 28-тата минута, а Мане зголеми на 3:0 откако по промашениот пенал одбиената топка дојде до неговите нозе и не погреши по втор пат.

Во последните моменти од првиот дел Видмер намали на 3:1, но, Баерн возврати со два гола во вториот дел преку Горецка во 58-та и Тел во 79-та минута за 5:1. Гостите во финишот намалија на 5:2, но Чупо-Мотинг постигна уште еден гол за радост на домашните фанови.

Убедлив триумф оствари и Волфсбург против Бохум од 4:0. Победата ја обезбедија Нмеча кој постигна два гола како и Баку и Винд.

Сигурен настап на домашен терен имаше и Лајпциг кој само ја продлабочи кризата на Баер Леверкузен. Нкунку и Вернер му донесоа триумф од 2:0 на Лајпциг кој полека почна да се искачува на табелата и сега е петти со 19 бода.

Штутгарт во 92-тата минута дојде до триумф од 2:1 над Аугсбург. Голот вреден три бода го постигна Валдемар Антон.

- Оглас -

Најнови вести