Баерн остана без важен играч неколку дена пред почетокот на Бундеслигата

Јосип Станишиќ, десниот бек на Баерн Минхен и на репрезентацијата на Хрватска, вчера на тренингот на клубот ги скинал латералните лигаменти на десното колено и утринава веќе е опериран, објави клубот. Ова е голем удар и за Баерн и за Хрватска бидејќи Станишиќ е првотимец во клубот и репрезентацијата, а тешко се повреди шест дена пред почетокот на сезоната во Бундеслигата и две недели пред натпреварот меѓу Хрватска и Португалија на стартот на Лигата на нациите.

„Утрово беше опериран. Ова е лоша вест со која треба да се справиме оваа недела. За жал, ќе го нема подолг период“, откри спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл.

„Кикер“ пишува дека ова е сериозен хендикеп за Баерн Минхен.


„Еберл најави дека Станишиќ во новата сезона ќе има важна улога во Баерн. Тоа навистина се потврди во текот на подготовките и првиот официјален натпревар од сезоната. Станишиќ беше стартер на четири од петте подготвителни натпревари, а во победата над Улм во купот ги одигра сите 90 минути“, објави „Кикер“.

Неизвесно е дали Јосип Станишиќ ќе закрепне навреме за да може да игра во дербито меѓу Баерн Минхен и Баер Леверкузен на крајот од следниот месец.

- Оглас -

Најнови вести