Баерн Минхен на шампионски начин ја затвори сезоната во Бундеслигата, откако пред своите навивачи убедливо го совлада Келн со 5-1 и притоа испиша нова страница во европската фудбалска историја.
Со петте гола, баварскиот гигант стигна до вкупно 122 погодоци сезонава во домашното првенство, што претставува втор најдобар голгетерски ефект во историјата на најсилните пет европски лиги. Така, Баерн го надмина Реал Мадрид, кој остана на 121 гол, додека рекордот и натаму го држи Торино со 125 гола од сезоната 1947/48.
Главна фигура на натпреварот повторно беше Хари Кејн, кој постигна хет-трик и уште еднаш ја потврди својата фантастична форма. Во листата на стрелци се запишаа и Том Бишоф и Нико Џексон, додека единствениот гол за Келн беше дело на Ел Мала.
Во битката за местата што водат во Лига на шампиони, Штутгарт ја искористи шансата и со реми на гости кај Ајнтрахт Франкфурт од 2-2 го освои четвртото место на табелата. Зад него остана Хофенхајм, кој доживеа тежок пораз од Борусија Менхенгладбах со 4-0.
Драма имаше и во долниот дел од табелата. Волфсбург ќе игра бараж за опстанок, откако славеше со 1-3 против Сент Паули, кој се сели во понизок ранг. Истата судбина ја доживеа и Хајденхајм, по поразот од Мајнц со 2-0.
Во останатите натпревари, Баер Леверкузен одигра 1-1 против Хамбургер, Фрајбург убедливо го надигра РБ Лајпциг со 4-1, Унион Берлин со 4-0 беше подобар од Аугсбург, додека Борусија Дортмунд ја заврши сезоната со победа над Вердер Бремен од 2-0.

