Нов скандал ја тресе соблекувалната на Реал Мадрид, откако бразилски медиуми објавија информации дека Винисиус jуниор и неговиот соиграч Едер Милитао наводно ангажирале девојки за придружба за време на лет од Бразил кон Шпанија.
Информацијата прв ја пласираше бразилскиот новинар Лео Диас, а случајот брзо предизвика бурни реакции во јавноста.
Милитао веднаш излезе со официјално соопштение во кое категорично ги демантираше сите наводи.
„Сакам јасно да порачам дека сите информации поврзани со моето име се невистинити и не се поткрепени со никакви докази“, истакна дефанзивецот на Реал.
Според објавите во бразилските медиуми, двете девојки наводно биле од градот Пирасикаба и отпатувале за Мадрид заедно со фудбалерите. Од таборот на Винисиус, пак, било објаснето дека тие патувале со пријатели на двајцата играчи и самите ги покриле трошоците.
Ситуацијата дополнително привлече внимание откако девојката на Винисиус, Вирџинија Фонсека, преку Инстаграм објави крај на нивната врска.
„Кога нешто ќе престане да има смисла, подобро е да се стави крај со почит, отколку само да се продолжи по навика“, напиша таа на социјалните мрежи.
Интересно е што само еден ден претходно таа беше фотографирана на „Сантијаго Бернабеу“ облечена во јакна со ликот на Винисиус.
Во своето обраќање, Милитао откри дека целата ситуација сериозно влијае врз неговиот приватен живот, особено во период кога се опоравува од тешка повреда поради која ќе го пропушти Светско првенство 2026 со Бразил.
„Признавам дека сум исплашен од сѐ што се случува. Речиси и да не излегувам од дома кога сопругата не е со мене, поради размерите што ги добија овие неосновани обвинувања“, напиша стоперот.
Тој побара и конкретни докази доколку навистина постојат обвинувања против него.
„Ако има реални тврдења во кои се споменува моето име, нека се презентираат вистински докази, а не претпоставки и измислени приказни од интернет“, порача Милитао.
На крајот, бразилскиот репрезентативец нагласи дека ширењето непотврдени информации не му штети само нему, туку и на неговото семејство, кое исто така се соочува со голем притисок од јавноста.
„Барам почит, одговорност и емпатија во овој чувствителен период“, заклучи фудбалерот.

