Бајиќ: Горд сум што ќе бидам селектор на Македонија, би останал и 10 години

Драган Бајиќ е претставен како нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација и се пофали дека како тренер никогаш не загубил во Скопје, па посакува така да остане и во иднина. Тренерот на босанскиот тим Игокеа, има 47 години и на функцијата го наследува Александар Тодоров.

Договорот на Бајиќ е на четири години. На прес-конференцијата присуствуваше и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Македонија.

„Благодарам за довербата. За секој тренер е чест да биде селектор, многу сум среќен. Перо и Тоше во кариерите имале подобри тренери и со голема енергија доаѓам. Не размислувам на тоа дека договорот е на четири години, би сакал да останам и десет, тоа ќе значи дека сме направиле добар резултат. Моја визија е дека сите играчи кои заслужуваат, ќе добијат шанса. Мојот темперамент е таков, од секој играч ќе извлечам максимум. Мора да бидеме како семејство, да дишеме како еден и тоа е патот до добар резултат“, рече новиот селектор.

„Во Скопје никогаш не сум загубил, се надевам дека и понатаму ќе остане така. Ќе им дадеме шанса на младите. Во август нема да игра Војдан, ќе видиме кој ќе може да дојде. Сите ќе мора да се докажуваат, никој нема да игра поради име и презиме или поради тоа дека има 19 или 20. Не сум влегол во детали, не го знам момчето кое е во САД, за ова кратко време не можев да се запознаам со целиот потенцијал“, додава Бајиќ.

„Не може никој во моментов да знае кога ќе играме на Европско. Сега имаме претквалификации за Светско првенство, долг е периодот на процес на квалификации“, рече Бајиќ, кој има договор со Игокеа за уште две сезони, но клубот не му правел проблем околу ангажманот во Македонија.

- Оглас -

Најнови вести