Бајка што им ги врати спомените на бразилските ѕвезди – Глеисон оди пеш по 20 километри, татко му продава кокос за да му помогне да игра фудбал

Идната голема бразилска фудбалска ѕвезда, Глеисон, е инспиративна приказна, што потсети многу асови од најтрофејната земја на нивното детство и е вистинска бајка за кариоките.

Глеисон е младо момче од околината на Петролина, место во државата Пернамбуко во Бразил, кое секој ден пешачи, или трча на жешкото сонце за да стаса навреме на тренинг. Има 19 години и минува околу 20 километри од своето место до Градскиот стадион во Петролина.

Годинава за првпат во клупската историја на Петролина, тимот предводен од Глеисон играше на еден од најпрестижните бразилски турнири за млади играчи, на „Сао Паоло купот“, или популарниот Копиња.

Петролина ги загуби сите натпревари, но приказната за Глеисон и неговиот челичен карактер и желба да продолжи со фудбал и покрај сите тешкотии и сиромаштија го маѓепсаа Бразил.

Таткото на младиот фудбалер секој ден собира и продава над две илјади парчиња кокосов орев за кој добива нешто повеќе од 8 евра и му помага на синот, колку толку за да му подмири дел од трошоците за фудбал.

Први реагираа познатите асови Дани Алвеш и Каземиро со скромен гест, но многу значаен за Глеисон. Му подарија дресови со потпис и пораки.

„Продолжи да чекориш за да го оствариш сонот. Продолжи да ги минуваш твоите 12, 15, или 20 километри пеш, но не се откажувај“, му порача Каземиро.

Дани Алвеш му испрати и видео порака на младиот ас, велејќи дека треба да издржи, бидејќи многу бразилски асови тргнале по патот на славата и успехот од сиромашни средини. Дани кој е најтрофеен бразилски фудбалер на сите времиња по потекло е од Жуазеиро, место кое е оддалечено од Петролина само шест километри, иако припаѓаат на различни држави. Жуазеиро е во Бахија, а Петролина во Пернамбуко.

„И јас сум еден од нив, фудбалер од Североистокот. Горди сме на тебе, што го презентираш нескршливиот дух на нашите луѓе, на цел Бразил и особено на регионот од кој потекнувам и јас„ е видео пораката на Алвеш за новиот спортски јунак на Бразил.

 

 

- Оглас -

Најнови вести