Балканско шоу во НБА – Јокиќ испука рекордни 47 поени, Дончиќ си запиша нов трипл-дабл

Никола Јокиќ си го поправи рекордот во НБА лигата и со блескава партија против Атланта хоукс, сега има ново најдобро лично постигнување од 47 поени.

Центарот на Денвер беше главна фигура на мечот што Денвер го доби со 123:115. Новиот личен рекорд од 47 поени го украси и со 8 скока и по пет асистенции и блокади.

Кај Атланта одличен беше Тре Јанг со 29 поени и 12 асистенции, но недоволно за да се избегне 29. пораз во сезоната.

Лука Дончиќ веќе ги навикна сите во НБА лигата на магични партии баскет, а таква имаше и ноќеска за Далас против Чикаго. Неговите Маверикс славеа со 118:110. Словенецот постигна 38 поени, комбинирани со 11 скока и 10 асистенции.

Дончиќ одигра вистинска симултанка во третиот период кога постигна 21 поен, а ова му е 11. трипл-дабл со што е лидер во досегашниот дел од сезоната. Кај Чикаго најдобар беше Лаури Марканен со 26 поени.

Уште еден играч од просторите на екс-Југославија одигра перфектен меч. Бојан Богдановиќ постигна 35 поени за Јута џез во победата од 128:126 против Њу Орлеанс пеликанс. Кај поразената екипа ист број на поени имаше Инграм, кој не успеа да го блокира Руди Гоберт при постигнувањето на победничките поени за Јута.

Резултати: Шарлот – Индијана 104:115, Орландо – Бруклин 101:89, Филаделфија – Оклахома 120:113, Вашингтон – Бостон 99:94, Атланта – Денвер 115:123, Њу Орлеанс – Јута 126:128, Далас – Чикаго 118:110, Сан Антонио – Милвоки 126:104, Сакраменто – Голден стејт 111:98.

- Оглас -

Најнови вести