Атлетико Мадрид утревечер ќе гостува во Лондон на Арсенал во реванш мечот од полуфиналето во Лига на шампиони. првиот дуел во Мадрид заврши 1:1, што значи дека на „Емирати“ во Лондон мора да има победник и да се дознае првиот патник во финалето од елитната лига на УЕФА.
Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне го водеше мадридскиот клуб до две финалиња во ЛШ, но нема ниту една титула. Сега верува дека е време за трето финале и да се стигне до првиот трофеј во историјата на клубот.
„Ќе се обидеме да одиграме на високо ниво. Имаме верба и знаеме што треба да направиме. Сепак, не зависи само од нас. Ние само треба да се обидеме да го исполниме нашиот план. Би било предобро ако успееме да ја повториме играта што ја имавме во второто полувреме на дуелот во Мадрид. Алварес е еден од клучните играчи за нас. Тој добро го познава англискиот фудбал и тоа е адут плус за нас“, рече Симеоне.
Атлетико сезонава веќе еднаш гостуваше во Лондон на Арсенал и тоа беше во групната фаза од ЛШ, а тогаш Топчиите беа убедливи и славеа со 4:0. Сепак, сега е друг меч, влогот е многу поголем, а кога се работи за такво нешто, Атлетико знае да одигра и над своите можности.

