Барди: Подготвен сум за својот прв меч против Реал Мадрид

Енис Барди кој во Шпанија е познат како специјалист за слободни удари, поради шесте гола дадени од таков прекин, утре од 13 часот на „Сантијаго Бернабеу“ за првпат во кариерата ќе игра против големиот Реал Мадрид.

Во минатата сезона, Леванте двапати одигра нерешено со Реал, а Барди остана на клупата за резерви. Сега, Барди е незаменлив стартер и опасност за сите ривали кои прават фаули во близина на 16-никот.

„Не играв против Реал, се надевам дека ќе можам да му помогнам на мојот тим. Верувам дека атмосферата ќе биде пријатна и публиката ќе гледа убав меч. Сите ја знаеме големината на Реал, но ако одиграме најдобро што знаеме, можеме да победиме. Тие се во криза, имаат серија мечеви без победа и ќе се обидеме да го искористиме тоа“ – најавува Барди.

Барди додава дека не му е проблем да игра на било која позиција во средината на теренот која ќе му ја додели тренерот Пако Лопес.

„Ќе играм каде што ќе ми каже тренерот, не ми е проблем, но секако преферирам да играм како полушпиц, затоа и носам дрес со број 10. Важно е да му се помогне на тимот“ – додава Барди.

Македонскиот репрезентативец, вели оти напорно тренира и дека прецизните шутеви од слободни удари, се резултат на тренинзите.

„Многу тренирам и тоа е клучно. Треба да имате и чувство, но тренингот носи напредок и прецизност. Уште како дете шутирав слободни удари, го гледав и имитирав Кристијано Роналдо како шутира во Манчестер. Мислам дека последниот гол што го дадов против Хетафе, ми беше најубав, а би го издвоил и оној со Депортиво во минатата сезона“ – завршува Барди.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести