Барди со сјајна асистенција ги урна Кралевите среде Мадрид! (видео)

Енис Барди е креаторот на сензационалниот триумф на Леванте против големиот Реал среде Мадрид со конечни 2-1. Македонската ѕвезда како џокер од клупата ги одигра последните половина час од мечот, а во 78-та минута со сјајна асистенција го најави шокот во 21-то коло во Ла Лига.

Барди одлично го пронајде Роџер во гужвата пред голот на Куртоа, а овој со удар од прва го насамари белгискиот голман, кој претходно му одбрани пенал на напаѓачот на гостите.

Така Леванте со пресврт освои големи три бода против актуелниот шпански првак, откако претходно Моралес израмни на 1-1 во 32-та минута. Погодокот на Асенсио во 13-тата минута во ситуација кога Кралевите останаа со 10 играчи на теренот, не беше доволен за да се оствари поволен резултат.

Инаку, Барди е првиот македонски фудбалер кој остварил три лигашки победи против Реал Мадрид. Во 2019 година славеше со 2-1 исто така на гости, а во ланската сезона доволни беа минималните 1-0 во Валенсија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести