Барселона должи пари на сите страни, виновни се раководството и Меси

Фудбалскиот клуб Барселона пред две години и три месеци заработи 222 милиони евра од продажбата на Нејмар, а сега клубот е во големи долгови кон банките и доверителите, поголеми од тие од времето додека публиката на „Камп ноу“ ја веселеа Меси, Нејмар и Суарес.

Шпанските медиуми објавија дека Барселона на една банка ѝ должи 93,5 милиони евра за кредитот подигнат за купување на Кутињо во јануари 2018 година. Каталонците по продажбата на Нејмар, потрошија 125 милиони за Усман Дембеле, а неколку месеци подоцна и 145 за Бразилецот Кутињо, па заглавија во минус од 142 милиони.

Кутињо сега е позајмен во Баерн, а Дембеле се мачи да избори место во првите 11, дури и кога Меси е повреден.

Во 2018 година продадоа доста играчи, па завршија со „позитивна нула“, но летово повторно го одврзаа ќесето и потрошија 255 милиони, од кои 120 за Антоан Гриезман. Иако имаат огромни приходи од спонзорите, ТВ-правата, продажбата на билетите и дресовите и другите производи, клубот е во финансиски минус. Поради долговите, постојано се одложува реновирањето и покривањето на стадионот.

Само на банките, Барса им должи 257,5 милиони евра, а причина не се само нерационално потрошенте како за „засилувања“ од типот на Малком, за кого дадоа 45 милиони, туку и астрономската заработка на играчите, меѓу кои предничи Лионел Меси.

Најдобриот фудбалер на светот има договор до 2021 година, а годишната бруто-плата му е 70,7 милиони евра. Од тие, откако ќе плати данок, чисти му остануваат околу 50 милиони. Збирно, за целиот тим, Барселона троши 280 милиони евра годишно само за плати.

Најскапи петмина се Меси со 70, Гриезман со 45,8, Суарес со 23,4, Де Јонг со 20,8 и Бускетс со 14,9 милиони евра годишна плата.

Познавачите тврдат дека претседателот Хосеп Марија Бартомеу и бордот на директори сакаат да го задржат Меси до крајот на кариерата во нивниот клуб и мора да му ги задоволат потребите и да состават тим кој ќе ја освои Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести