Барселона ја одреди цената за Меси, нема да го пуштат бесплатно

Раководството на Барселона полека почнува да сфаќа дека нема да може да го убеди Лионел Меси да остане во клубот и во претстојната сезона, па сега се обидува да извлече финансиска корист од заминувањето на еден од најдобрите фудбалери во историјата. Ова раководство на чело со Хосеп Марија Бартомеу ќе остане запаметено како најлошо во постоењето на Барселона бидејќи не знаеше да го задржи човекот кој им донесе многу титули и целата досегашна кариера ја мина во Барса.

Фановите се налутени, навивачите низ светот се изненадени, но изгледа во оваа 2020 година ништо не е нормално, па се случуваат незамисливи работи.

Според каталонското радио, во Барселона одлучиле да му дозволат на Меси да си оди, но ако за него се плати обесштетување поголемо од 222 милиони евра, колку што изнесува светскиот рекорд. Меси побара да си оди како слободен играч, но нема право на такво барање, сметаат во Барселона. Клаузулата беше дека Меси треба на 20 дена пред крајот на сезоната да каже дека сака раскинување на соработката. Бидејќи не го стори тоа, сега целата работа може да оди и преку суд.

Барселона за неколку дена треба да почне со подготовки, но по ваков земјотрес, којзнае што ќе се случува и кои играчи ќе ги има Куман на располагање.

- Оглас -

Најнови вести