Барселона без многу проблеми со 3:0 ја победи Осасуна во заостанат меч од првенството на Шпанија, па сега има три бода повеќе од Реал Мадрид во трката за титулата. Уште во првите 20 минути каталонскиот гигант постигна два гола и покажа дека е доминантен во однос на ривалот од Памплона, но, сепак, триумфот на Барселона може да биде залуден.
Од Осасуна најавија дека планираат да се жалат поради настап на Ињиго Мартинес.
„Адвокатите на Осасуна размислуваат да го оспорат натпреварот и неговиот резултат поради фактот што Ињиго Мартинес играше за Барселона без дозвола. Осасуна се повикува на членот 5 на ФИФА. Во него се наведува дека кога играчот ќе ја напушти репрезентацијата поради повреда, тој не смее да игра за клубот додека не поминат пет дена од неговиот последен натпревар во националниот тим. Шпанија играше со Холандија во Лигата на нациите во неделата. Тоа значи дека поминаа четири дена, а пет од натпреварот на Барселона со Осасуна во четвртокот. Осасуна сега истражува дали Мартинес ја напуштил репрезентацијата на свое барање или бил испратен дома од репрезентацијата. Тоа е клучно“, се вели во пишувањата на шпанските медиуми.
Мартинес не играше за Шпанија против Холандија поради повредата што ја заработи против Атлетико. „Ињиго Мартинес е повлечен од репрезентацијата на Шпанија поради повреда на коленото, која ја пријави Барселона. На негово место селекторот Луис де ла Фуенте го повика Дин Хујсен од Бурнмаут“, соопшти Шпанската фудбалска федерација пред натпреварите на националниот тим.
Мартинес остана во Барселона да закрепне. Тој почна да тренира во понеделникот, ден по репрезентативниот натпревар. Три дена подоцна играше за Барселона против Осасуна како стартер.