Шпанското државно обвинителство го истражува работењето на фирмата ДАСНИЛ 95, која е во сопственост на некогашниот фудбалски судија Хозе Марија Енрике Негреира. Освен како судија, Хозе Марија Енрике Негреира беше и претседател на техничката комисија во Примера дивисион во периодот од 1994 до 2018 година.
Тој е осомничен за измама и корупција откако биле забележани сомнителни уплати на сметка на споменатата фирма од страна на каталонскиот гигант Барселона. „Ел Паис“ пишува дека се работи за 1,4 милиони евра, пари кои биле уплатени во период од 2016 до 2018 година.
Во 2016 година, Барселона уплатила 532.000 евра, потоа во 2017 година биле уплатени 541.000 евра, а во последната година на сметката на фирмата „легнале“ 318.000 евра. Интересно е дека последната уплата се поклопува со заминувањето на Енрике Негреира од судиската комисија откако е формиран нов состав на тоа тело.
Се шпекулира дека тие уплати биле за некогашниот судија да ѝ дава „совети“ на Барселона околу судиите. Од каталонскиот гигант велат дека користеле такви услуги, но тоа било надворешен советник за анализирање на судиите во младите категории.

