Барселона со тактика „автобуска станица“, во формација 6-3-1, го сопре Реал Мадрид

Реал Мадрид загуби од Барселона во Ел Класико, во меч на кој Кралевите за првпат од 2010 година не упатија ниту еден удар во рамките на противничкиот гол на дуел одигран на „Сантијаго Бернабеу“. Статистиката од синоќешниот дуел покажуваше дека Реал доминирал на теренот, но на крајот резултатот беше 0:1, а домаќините немале ниту еден прецизен шут.

Реномираниот весник „Марка“ направи анализа на тактиката на Барселона и како Чави Ернандес успеа да го надмудри Карло Анчелоти.

„Првпат видовме како Реал неприкосновено доминира во поседот на топката, како што и првпат ја видовме Барселона да се брани постојано притисната на својата половина, но гостите тоа не го правеа панично, туку перфектно. Тие користеа тактика во формација 6-3-1“, пишува „Марка“ во анализата во која тактиката на Барселона ја нарече Autobusazo, односно автобуска станица.

РЕАЛ ЏАБЕ ПОСТОЈАНО БЕШЕ НА ПОЛОВИНАТА НА БАРСЕЛОНА

Во анализата, Марка потенцира колку Реал Мадрид бил инфериорен. „Реал постојано беше на половината на Барселона, но тоа ништо не им вредеше затоа што не создадоа ни полушанса, иако играше на свој терен и беше во полн состав“, констатираат во шпанскиот весник.

Араухо кај Барселона беше поставен како десен бек за да ја засили одбраната врз Винисиус јуниор и во тоа целосно успеа. Бразилецот беше неутрализиран и немаше ниту една шанса. На Араухо постојано му помагаше и Де Јонг, или Рафиња, и тоа делуваше перфектно.

Рафиња и Гави, кои треба да бидат на средината на теренот и да создаваат шанси за нападот, овојпат делуваа многу повеќе како дефанзивци. Никогаш претходно овие двајца не биле топлку блиску до голот на Тер Штеген, но токму таа збиеност создаде Реал да биде немоќен.

Фактот дека две дефанзивни линии на Барселона беа само на 20-тина метри одалеченост, го направи Карим Бензема да биде непродуктивен. Голгетерот на Реал едноставно го снема меѓу стоперите на Барселона, кои постојано имаа помош од Бускетс и Де Јонг.

Едноставно, оваа дефанзивна тактика на Барселона уште еднаш потврди зошто каталонскиот гигант ја има најдобрата дефанзива во Топ 5 лигите во Европа.

- Оглас -

Најнови вести