Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас повторно го привлече вниманието на турската јавност откако по пријателскиот натпревар меѓу Турција и Македонија (4-0) во Истанбул упати низа пофалби за турската селекција и атмосферата на стадионот „Шукру Сарачоглу“, каде што своевремено настапуваше во дресот на Фенербахче.
Елмас призна дека враќањето на стадионот каде што ја започна својата интернационална кариера претставувало посебно искуство, а воедно истакна дека Турција располага со квалитетна генерација која може да оствари значаен успех на следното Светско првенство.
„Поминаа седум години откако последен пат бев во Кадикој. Атмосферата беше одлична и навистина беше убав натпревар. Сите фудбалери на Турција играат на високо ниво. Тие се едно скалило пред нас. Мислам дека Турција може да стигне до четвртфиналето на Светското првенство“, изјави Елмас.
Играчот од средниот ред се осврна и на својата иднина, нагласувајќи дека во моментов не размислува за промена на клубската средина и дека по напорната сезона негов приоритет е заслужен одмор.
„Во овој момент не размислувам за трансфер. Сакам прво да одам на одмор. Ја сакам Турција и би сакал еден ден да живеам во Истанбул. Се надевам дека во иднина повторно ќе заиграм во турскиот шампионат“, додаде Елмас.
Со овие зборови македонскиот репрезентативец уште еднаш ја потврди својата поврзаност со Турција и Фенербахче, клубот од којшто ја започна успешната европска кариера.

