Беа зицери на денот, испаднаа големи утки

Неколку големи изненандувања имаше денеска на фудбалските натпревари во Топ-5 лигите во Европа, а потфрлија зицерите од Шпанија, Италија, Англија и Франција.

Барселона, Милан, Евертон, Лил и Беневенто беа во Топ-10 зицери на денот, на сите им требаа победи, но не успеаја да освојат цел плен.

Веројатно најголемо изненандување е поразот на Барселона против Селта на „Камп ноу“, и тоа со пресврт. Каталонците поведоа со голот на Лионел Меси, но потоа и загубија со 1:2. Санти Мина со два гола му донесе победа на тимот од Виго, во веројатно и најголемото неделно фудбалско изненадување во Европа.

Милан вечерва ремизираше без голови против Калјари, што е рамно на сензација. Калјари пристигна на „Сан Сиро“ со обезбеден опстанок, па Милан имаше меч-топка за да си обезбеди настап во Лигата на шампионите, но не успеа да ја искортисти.

Росонерите ќе имаат нова шанса, но сега ќе мора по потешкиот пат да си осигурат настап во ЛШ, со победа во Бергамо против Аталанта на 23 мај.

Евертон загуби со 0:1 од испаднатиот Шефилд јунајтед во меч од Премиер лигата и драстично си ги намали шансите за излез во Европа. Карамелите пропуштија можност да се израмнат со Тотенхем и Вест хем на шестата, односно седмата позиција, а тоа се места што водат во европските купови. Сега со три бода негатива ќе влезат во последните две кола и со мали шанси да играат во некој од европските купови.

Четвртото изненадување е нов меч без голови, а го одигра лидерот во Лига 1 во Франција, Лил против Сент Етјен. Лил остана лидер во Франција, но не си остави простор да може да одигра и нерешено со Анже на гости во последното коло.

Ако го победеа Сент Етјен, ќе им беше доволно и реми во последното коло за да бидат прваци на Франција. Сега мора да го победат Анже на 23 мај, за да ја освојат шампионската круна пред сè уште актуелниот првак Пари Сен Жермен.

Петката во сетот изнанадувачки резултати денеска му припаѓа на Беневенто. Популарните Вештерки бијат битка за опстанок во Серија А, но веројатно си ја запечатија судбината со ремито 1:1 против Кротоне.

Избраниците на Филипо Инѕаги водеа со 1:0, имаа и играч повеќе, по исклучувањето на Големич, промашија многу шанси и беа казнети и булвално во последните моменти.

Сими им даде гол во 93 минута за конечен резултат од 1:1, па сега Беневенто зависи од резултатот на мечот меѓу Лацио и Торино. Ако Биковите избегнат пораз во Рим, тогаш Беневенто ќе биде последниот патник за Втората лига, заедно со Кротоне и Парма.

Во случај Торино да загуби на 18 мај во заостанатиот меч со Лацио, тогаш токму дуел меѓу Биковите и Беневенто во последното коло идниот викенд ќе одлучи кој ќе испадне.

Беневенто има три бода помалку од Торино, па секако ќе мора да победи на гостински терен во последното коло против директниот ривал за спас и опстанок во Серија А, но само ако Торино загуби од Лацио во вторник.

 

- Оглас -

Најнови вести